Фенербахче, турскиот гигант во кој игра и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, е во потрага по нов тренер, а прв „пик“ е хрватскиот селектор Златко Далиќ.
Сегашниот тренер на Фенер, Филип Коку, иако му дава огромна шанса на Елмас да игра, е пред отказ по катастрофалните резултати во домашното првенство, каде што клубот е на 15. место со само две победи и само еден поен над зоната за испаѓање. Покрај ова во Европа, Фенер го загуби првиот меч од Динамо Загреб со 4:1, а се поправи против Спартак Трнава со 2:0 победа.
Турските медиуми претходно шпекулираа за можен трансфер на Роберто Карлос или Арсен Венгер, а сега според „Фанатик“, прв избор е Далиќ, човекот кој ја предводеше Хрватска до историски успех на СП во Русија, и кој има договор со репрезентацијата до 2020 година. Фенер е подготвен и на опција Далиќ да остане селектор и во меѓувреме да работи како тренер на клубот.
Фото: ЕПА