Лошата форма на Сасуоло продолжува, откако трет меч едноподруго не успеваат да стигнат до победата, одигрувајќи 2:2 со последнопласираниот Каљари, клуб кој под новиот тренер Валтер Мацари имаше четири порази во низа.
Џанлука Скамака, кој последните недели беше во италијанските медиуми поради насилничкото однесување на членови на неговото семејство, ги донесе Сасуоло во водство во 37. минута, но само три минути подоцна клубот од Сардинија израмни преку Кеита Балде. Во второто полувреме, Сасуоло пак поведе, со гол од пенал на Доменико Берарди во 52. минута, но водството пак траеше кратко, овојпат четири минути, пред Жоао Педро да израмни, исто така со удар од белата точка.
Сасуоло сега е на 12. место со 15 освоени поени во 13 меча, додека Каљари остануваат последни со 7 поени, колку што има и претпоследната Салернитана и два поени зад Сампдорија и Џенова.