Англискиот премиерлигаш Свонси го отпушти тренерот Пол Клемент откако тимот остана „закован“ на дното на табелата.
45-годишниот Клемент беше под притисок последните месеци, и сега „Лебедите“ од Велс потврдија дека тој заминува по 3:1 поразот од Евертон во понеделникот, со кој се на 4 поени од „безбедната“ зона.
Свонси имаат 8 порази во последните 10 лигашки натпревари и само 12 освоени поени од првите 18 меча во 2017. Во текот на летото, Свонси ги продаде своите двајца најдобри играчи, Фернандо Љоренте и Гилфи Сигурдсон и не најде вистински замени – тие се тимот со најмал трошок на плати во Премиер лигата.
Сега, тимот ќе се обиде да најде тренер пред мечот со Кристал Палас овој викенд. Новиот менаџер ќе биде трет во само 14 месеци на клубот од Велс.
Според британскиот весник „Дејли мирор“, челниците на клубот сега ќе се обидат да го донесат на клупата, Луис ван Гал, кој неодамна изјави дека би сакал да се врати во Премиер лигата само за „инат“ на Манчестер јунајтед. 66-годишниот Ван Гал нема тим по неславното отпуштање од Јунајтед во 2016 година, во моменти кога го донесе ФА купот на „Олд Трафорд“.
Други опции за Свонси се тренери со искуство во лигата, како ексшефот на Вест Хем, Славен Билиќ, но и поранешниот менаџер на Саутемптон и Евертон, Роналд Куман, кој според првите извештаи не е подготвен да се врати на клупата.