Првиот човек на унгарскиот великан Ференцварош, Габор Кубатов, предложи во блиска иднина да се организира Централно-европски куп. Во ова натпреварување, како што изјвави Кубатов за весникот „Немзетиспорт“, би се натпреварувале големите клубови од Хрватска, Србија, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија, Словенија.
Габор Кубатов, во интервјуто, откри дека бенифит за секој клуб би било едно вакво натпреварување. Смета дека играњето против посилни ривали, би значело и поголема шанса за секој клуб да направи подобар резултат во натпреварувањата на УЕФА.
„Моја желба е некако да го започнеме централноевропскиот куп во кој би играле со клубови од Србија, Хрватска, Словенија, Словачка, Чешка и Романија. Тоа би биле престижни натпревари со Црвена звезда, Партизан, Динамо Загреб, Слован Братислава, Викторија Пилсен, Славија Прага“, откри Кубатов.
На прашањето дали е реално да се случи такво нешто, првиот човек на Ференцварош додаде:
„Ми се чини дека УЕФА е отворена за вакви натпреварувања. Сметаме дека такво нешто би донело не една туку многу предности за секого. За спонзорите не е исто дали ќе влезат на пазар од десет или 45 милиони луѓе. А, да не зборуваме колку вакви натпревари би биле интересни за секого, мислам дека интересот би бил огромен“.
Идејата на Кубатов е повторно да го заживее Купот Митропа, кој постоеше од 1927 до 1992 година. Победници на овој куп меѓудругите биле: Милан, Торино, Болоња, Спарта Прага, Ференцварош, Партизан, Војводина, Борац од Бања Лука…