Новата ѕвезда на Манчестер јунајтед, Бруно Фернандеш открива дека почнал да плаче кога му кажале дека има шанса да потпише за клубот за кој навивал во своето детство.
Португалецот, конечно, пристигна на „Олд Трафорд“ од Спортинг Лисабон во јануари откако повеќе од една година беше поврзуван со трансфер кај „ѓаволите“. Растејќи тој го гледал како Кристијано Роналдо станува ѕвезда во црвениот дрес и призна дека емоциите го направиле своето кога дознал дека може да го оствари сонот.
„Знаете, ќе признаам дека бев исплашен. Тоа беше остварување на сонот, но сонот беше толку голем. За мене да се игра во Англија за Манчестер јунајтед беше врв на кариерата. Да се игра за еден од најдобрите клубови во светот… Кога добив повик и ми кажаа дека има шанси да играм, ја повикав мојата мајка, мојата сестра, мојот брат и почнав да плачам. Плачев од среќа бидејќи се борев за тоа цел живот. Моето семејство знаеше дека сакам да бидам фудбалер и да играм за Манчестер“, вели Фернандеш во Инстаграм разговор со македонскиот фудбалер Марио Ѓуровски.