Начо Фернандез инсистира дека неговиот колега од Реал Мадрид, Герет Бејл е најдобриот фудбалер од Велика Британија, и додава дека би бил мета на Мадрид доколку играл за Ливерпул.
Бејл во шпанските медиуми претрпе огромен број на критики поради честите проблеми со повредите, а директен напад доби и од поранешниот тренер на Реал, Хорхе Валдано, кој изјави дека „ништо што прави Бејл не вреди 100 милиони“. И покрај ова, Зинедин Зидан вели дека нема проблем со Бејл и дека постојано смета на него во клубот.
Учинокот на Бејл оваа сезона е 19 гола во 38 настапи во сите натпреварувања, од кои пет гола во последните пет кола во Ла лига. Останува да се види дали тој ќе биде „адутот“ на Зидан во саботното финале со Ливерпул, но Начо е сигурен во вредноста на својот колега.
„Мислам дека тој е исклучителен фудбалер. Сфаќам дека во фудбалот сите зборуваат за најдобрите, додека другите се во сенка, но сигурен сум дека да беше Бејл во друг клуб, Реал Мадрид ќе сакаа да го донесат“, вели Начо.
Дефанзивецот исто така признава дека за малку ќе завршел во Ливерпул пред две години, кога преговарал со „Црвените“.
„На крајот, воопшто не разговарав со Клоп. Мислам дека тој е фантастичен тренер, и знам дека ме сакаа во тимот, но на крајот решив дека најдобро е да останам во Реал Мадрид“, вели Фернандез.