Top Sport

Кариус: За две-три години ќе го споредуваме Мо со Роналдо

Мохамед Салах мора да има барем уште неколку години со рекордни сезони како 2017/18, за да може да се споредува со Кристијано Роналдо, признава голманот на Ливерпул, Лорис Кариус.

Салах има апсолутно спектакуларна прва сезона на „Енфилд“ откако дојде од Рома, поставувајќи рекорд со најмногу голови во една сезона во Премиер лигата со 38 гола. Египќанецот покрај тоа доби низа на индивидуални награди во Англија, каде што тој стана вистинска ѕвезда во една фудбалска сезона.

Дефанзивецот Дејан Ловрен тврдеше дека Салах „дефинитивно“ е најдобриот играч на светот во моментов, додека Кариус е малку повнимателен.

„Оваа сезона е неверојатна. Мо секако е меѓу најдобрите на светот, но разликата е во тоа што Роналдо го прави ова сезона по сезона. Прерано е да ги споредуваме, без да одземам ништо од Мо, кој оваа сезона е на врвот. Но, Роландо покажа толку години меѓу најдобрите и работите кои ги освои се неверојатни. Мо е млад и може да биде многу подобар. За неколку години ќе може да се зборува“, вели Кариус.

Фото: ЕПА

Scroll to Top