Top Sport

ФФМ доби 1.000.000 евра за подобрување на инфраструктурата

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ќе добие нови, вонредни средства од УЕФА во висина од еден милион евра за подобрување на фудбалската инфраструктура во Македонија. За ова и за новите проекти од стратешкиот план на ФФМ на средба со новинарите говореше генералниот секретар, Филип Поповски. УЕФА на ФФМ, новите средства ќе и ги додели од „Хет Трик“ програмата.

„Во изминатиот период еден од главните приоритети на нашата федерација согласно стратешкиот план беше вложувањето во фудбалската инфраструктура. Реализацијата на низа проекти, започнувајќи од „Куќа на фудбалот“ и тренинг центарот „Петар Милошевски“, преку десетте терени со вештачка трева и поставување целосно нова тревна подлога и осветлување на пет стадиони во државата, па до комплетна изградба и опремување на капацитетите за Академијата на ФФМ. Постигнатото ни дава за право да веруваме дека можеме да одиме чекор повеќе во создавањето квалитетна спортска инфраструктура“, рече Поповски, потенцирајќи дека и новите средства федерацијата ќе ги искористи за подобрување на инфраструктурата на стадионите, а една од можностите со новиот „Хет Трик“ е доизградба на главниот стадион на тренинг центарот „Петар Милошевски“.

Поповски исто така, го најави новиот проект за едукација на нашите тренери од програмата „Еразмус +“, во која ќе бидат вклучени 20 наши тренери со обуки во ПАОК, Матерзбург и Пескара.

„Бидејќи ние сме одговорни за едукација на нашите тренери кои работат во сите сфери на фудбалската игра со задоволство можам да најавам нов проект од програмата на Еразмус +. Нашата федерација заедно со Македонската агенција за човечки реурси ќе биде организатор на завршна обука за 20 наши тренери кои претходно ќе имаат и теоретски и практични обуки со колеги од четири земји, и од клубови како ПАОК, Матерзбург и Пескара. Станува збор за четири дневен едукациски дел кој ќе заврши со голема конференција на која ќе поканиме звучни имиња од академскиот свет, како и тренерски имиња кои се занимаваат со оваа проблематика“, рече генералсниот секретар на ФФМ.

фото: ffm.mk

Scroll to Top