Извршниот одбор на независниот етички одбор на ФИФА привремено му ги забрани сите активности поврзани со фудбалот на Ив Жан-Барт претседтелот на Фудбалскиот сојуз на Хаити. Забраната ќе важи во наредните 90 дена, а од ФИФА потенцирале дека суепнзијата може и да му биде продолжена.
Ив Жан-Барт познат како „Даду“, кој на чело на Фудбалскиот сојуз на Хаити се наоѓа од 2000 година, наводно сексуално злоставувал неколку млади фудбалерки во националниот тренинг центар. Приказната на 2 мај ја објави „Гардијан“.
„Постои негова „посебна девојка“ која работи таму и која врши притисок врз девојките да имаат секс со него. Тој ќе се појави во националниот центар и го снима жртвите. Ќе одбере атрактивна девојка и потоа ќе ја испрати таа своја госпоѓа да ѝ каже на девојката дека е исфрлена од центарот. Кога ќе види дека девојката е во солзи таа ја советува да оди и да разговара со Даду. Од тој момент започнува сексуалното злоставување“, пишува во текстот што го објави „Гардијан“.
Ив Жан-Барт обвинувањата ги нарекол неосновани.
„Никогаш немаше поплаки против Сојузот, ниту против персоналот, ниту против мене лично. Невозможно е вакви сексуални злоставувања да се случат во нашиот центар“, рекол Жан-Барт.