Светската фудбалска федерација (ФИФА), планира да го одложи клупскиот Мундијал за почетокот на наредната година.
Коронавирусот и мерките за заштита од него, ги натераа Јапонците да ја откажат организацијата на Светското клупско првенство. Натпреварувањето требаше да се одржи во декември.
По Јапонија, од организацијата се откажа и Јужна Африка.
Агенцијата „АП“, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека ФИФА планира клупскиот Мундијал да се одржи во јануари или февруари наредната година.
Веројатно Светското клупско првенство ќе се одржи во Катар. Оваа земја, беше домаќин на клупскиот Мундијал во февруари годинава, кога титулата ја освои Баерн Минхен.