Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, ја отфрли можноста резеврна репрезентација да настапи на Светското првенство, инсистирајќи дека нема „план Б“ во случај Иран да одлучи да се повлече. И покрај ескалацијата на конфликтот и директните закани за повлекување што доаѓаат од иранските официјални лица, ФИФА инсистира на учеството на азиската нација.
Инфантино потврди дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за да се осигури дека иранскиот тим ќе биде добредојден на северноамериканска почва овој јуни, пишува „Goal.com“.
Актуелниот конфликт во Иран фрли сенка врз подготовките за Светското првенство и покрена сомнежи за настапот на репрезентацијата во Групата Г. Иако Иран се квалификуваше пред една година, политичката ситуација се влоши како резултат на воените дејствија и смртта на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи.
ФИФА се најде во сложена дипломатска ситуација, со оглед на тоа што турнирот се одржува во САД, Мексико и Канада, земји во центарот на геополитички превирања. И покрај тензиите, Инфантино остана решителен, нагласувајќи дека учеството на Иран е „план А“, исклучувајќи ги сите други опции.
Инфантино инсистира дека фудбалот мора да служи како обединувачка сила, и покрај сложеноста на „вистинскиот свет“, и потврди дека добил лични гаранции од Белата куќа дека на иранската делегација ќе ѝ биде дозволено да настапи.
Во интервју за „N+“, претседателот на ФИФА рече: „Иран го претставува својот народ, и оние што живеат во Иран и оние во странство. Тие се квалификуваа за ова Светско првенство на теренот меѓу првите. Тоа е земја луда по фудбал. Сакаме тие да играат и ќе играат на Светското првенство.
Нема план Б, Ц или Д, постои само план А. Живееме во реалниот свет и сме свесни колку е сложена оваа ситуација, но работиме на тоа Иран да игра на ова првенство во најдобри можни услови“.
