Top Sport

ФИФПро се откажа од судскиот случај за трансфер системот

Светскиот синдикат на фудбалери (ФИФПро) се согласи да ги повлече сите судски тужби околу трансфер системот пред Европската Комисија откако се согласи со ФИФА за промени во системот.

Во заедничка изјава во понеделникот, двете организации потврдија дека ФИФА ќе формира работно тело кое ќе ги разгледа деталните промени на трансфер-правилата на долги патеки, а што е можно побргу ќе се реши проблемот со фудбалерите кои не земаат плата навреме.

Трансфер-системот е под лупа во последно време по огромнтие пари кои се даваат за првите ѕвезди, како рекордниот трансфер на Нејмар од 222 милиони евра од Барселона во ПСЖ, а постои и загриженост дека денешниот систем придонесе неколку клубови да доминираат.

„Додека клубовите во најбогатите лиги обично се однесуваат добро со фудбалерите, постојат многу лиги каде што правата на вработените фудбалери се целосно игнорнирани“, вели претседателот на ФИФПро, Филип Пјат.

ФИФПро во 2015 година го поднесе својот случај до Европската Комисија со забелешки дека системот е неконкурентен, неправеден и нелегален.

Доколку ЕК одлучеше за случајот тоа ќе донесе огромни промени, најголеми од воведувањето на таканареченото „Босман правило“ во 1995 година, кое дозволи играчите во ЕУ да се преселат во друг клуб на крајот на договорот бесплатно. Ова може да се смета за мала „победа“ на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, но и показател дека тој има слух за барањето на сите фудбалери, а не само на ѕвездите.

Scroll to Top