Top Sport

Финале на Копа Америка – Аргентина или Бразил – Меси или Нејмар?

Копа Америка имаше организациски проблеми, се играше пред празни трибини во позадина на здравствени, социјални и јавни превирања, но сепак ќе го имаат најпосакуваното финале – Бразил против Аргентина ноќеска 2 часа по полноќ, на „Маракана“ во Рио.

Цели 14 години, од 2007 година фудбалските вљубеници чекаат вакво финале на Копа. Тогаш „кариеоките“ со 3-0 ги совладаа „гаучосите“.

Меси на тој пораз имаше 20 години, а има негативен скор против Бразил ( 4 победи и 6 порази). Сите триумфи биле на пријателски натпревари.

Не е само формата на Меси таа која дава оптимизам дека Аргентина вечерва може да слави во Рио. На мечот со Колумбија херој беше голманот Емилијано Мартинез. Тој одбрани дури 3 пенали, но сега треба да ја чува мрежата од најефикасниот тим на натпреварувањето, актуелниот бранител на титулата.

Поради коронавирусот на „Маракана“ се очекуваат помалку од 10.000 гледачи што секако не им одговара на Бразилците, кои пак во нападот ќе бидат без суспендираниот Габриел Жесус.

Околу Нејмар се вртат многу работи, но „кариките“ играат разновидно, подеднакво добро и на земја и во скок.

Ако Нејмар и Меси во моментов можеби не се најдобрите играчи во светот, тоа сигурно се во Јужна Америка. Двајцата го бркаат својот прв голем меѓународен трофеј, ако не се земат предвид пехарите од Олимписките игри (Меси 2008 година) – (Нејмар 2016 година).

Нејмар со 2 гола и 3 асистенции покажа на Копа дека е во врвна форма.

Од друга страна, со право сите очи вечерва ќе бидат вперени кон Меси кој во неколку наврати потенцира дека „би ги заменил сите Златни топки за еден голем трофеј со Аргентина“.

Финалето Бразил – Аргентина почнува во 2 часот во недела наутро.

Scroll to Top