Top Sport

Финале за историја, ПСЖ и Челзи во судир за светската круна

Европскиот шампион Пари Сен Жермен и актуелниот освојувач на Конференциската лига, Челзи, ќе се борат за титулата на првото издание на Светското клупско првенство во новиот формат со 32 екипи, што се одржува во Соединетите Американски Држави.

Финалето ќе се игра вечерва од 21 часот (по македонско време) на легендарниот стадион „Метлајф“ во Њу Џерси, каде фудбалска елита од цел свет ќе ги впери очите во двобојот што може да го дефинира фудбалот во 2025 година.

Двете екипи имаа речиси идентичен пат до финалето – по две победи и еден пораз во групната фаза, а потоа по три победи во елиминациските натпревари. Формата на тимовите е импресивна. Челзи забележа 13 победи на последните 15 натпревари, додека ПСЖ е во серија од 10 победи на последните 11 средби, притоа задржувајќи ја својата мрежа недопрена на 7 од последните 8 меча.

Менаџерот на Челзи, Енцо Мареска, вели дека ова е само уште еден доказ за прогресот на тимот.

„Имавме неверојатна сезона, завршивме меѓу најдобрите четири во Премиер лигата, ја освоивме Конференциската лига и сега сме во финале на светски турнир. Среќни сме, но сакаме уште“, истакна Мареска.

Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, е подеднакво амбициозен во пресрет на финалето.

„Ова е посебна сезона за нас. Имаме силен ривал во Челзи, но ние сме фокусирани и сакаме да испишеме историја за клубот. Подготвени сме“, рече Енрике.

Светот ќе добие нов клупски првак – прашањето е само дали тоа ќе биде „сините“ од Лондон или „светците“ од Париз.

Scroll to Top