Финскиот бизнисмен Томаш Зилијакус изјави дека има намера да го купи фудбалскиот клуб Интер. Тој е прилично непознат за пошироката јавност, а беше кандидат и за купување на Манчестер јунајтед.
„Сериозен сум, оваа или најдоцна следната недела сопственикот на Интер ќе добие адекватна понуда да го преземе клубот“, изјави Зилијакус за сајтот на италијанскиот дневен весник „Република“.
Зилијакус тврди дека благодарение на „различни инвеститори, мали и големи, семејства и институционални инвеститори“, чии имиња и националности не сакал да ги открие, собрал 2,5 милијарди евра за купување на Интер.
Понудата, како што појасни, ќе ја даде компанијата „XXICenturyCapital“ со седиште во Сингапур, која е заинтересирана за „фудбалот и модата“.
Интер, 19. кратен италијански и трикратен европски шампион, од 2016 година е под контрола на кинеската „Сунинг груп“ и бизнисменот Стивен Жанг.
Магазинот „Форбс“, го проценува италијанскиот клуб на 960 милиони евра.
Зилијакус е поранешен извршен директор на „Нокиа“, кој тврди дека своето богатство го стекнал во азискиот технолошки сектор. Живее во Сингапур, каде во 1998 година основал инвестициски фонд специјализиран за нови технологии „FutureWorks (MFW)“.
Неговата понуда да го купи Манчестер јунајтед беше неуспешна.