Екипата на Фламенго по пауза од 38 години ќе се бори за титулата во Копа Либертадорес. „Рубро-негра“ предводени од Габриел (Габигол) во двата полу-финални натпревари ги декласираа ривалите од Бразил Гремио со вкупни 6:1.
Првиот меч на теренот на Гремио заврши 1:1, а во реваншот Фламенго со пет гола во мрежата ги испрати ривалите назад во Порто Алегре.
На легендарниот стадион „Маракана“ во Рио Де Жанеиро, во првото полувреме Фламенго постигна еден гол, преку Бруно Енрике во 42 минута. Во вториот дел Фламенго го декласираа противникот.
Веднаш на стартот Габриел зголеми на 2:0, а десет минути подоцна истиот играч постигна гол од пенал.
До крајот меѓу стрелците се запишаа Пабло Мареј и Родриго Кајо.
Фламенго за трофејот ќе се борат против актуелните шампиони Ривер Плата. Од оваа сезона во финалето ќе се игра само еден натпревар, на неутрален терен.
Финалето е закажано за 23 ноември, во 22 часот по средно-европско време, ќе се игра на стадионот во Сантијаго де Чиле.