Top Sport

Фламини: Не планирам да го купам Арсенал

Матју Фламини не е обичен фудбалер, туку и фантастичен бизнисмен откако заработи огромна сума на пари преку неговата компанија „ГФ кемикалс“, но вели дека и покрај големата љубов која ја има за својот поранешен клуб, Арсенал, нема да се врати на „Емирати“ како нов сопственик.

36-годишниот Французин играше за Арсенал на двапати (со кратка пауза во Милан), и имаше 246 настапи за „топчиите“ освојувајќи три ФА куп титули и играјќи едно финале на ЛШ. Шпекулациите велат дека оваа врска со клубот од северен Лондон може да го направи газда на клубот, но тој повторно ги отфрла овие гласини откако претходно демантираше дека има богатство од 30 милијарди евра.

„Не, нема да се обидам да го преземам Арсенал. Не ме прашувајте како ќе бидам вклучен во фудбалот во иднина, бидејќи не сум размислувал за тоа. Но, дефинитивно тоа е нешто што го одбележува мојот живот и останувам во врска со Арсенал“, вели Французинот.

Фламини е без клуб откако си замина од шпанскиот Хетафе по сезоната 2018/19, но вели дека уште не завршил со фудбалот.

„Уште не сум објавил дека се пензионирам. Се чувствувам добро и здраво. Кога се грижите за вашето здравје, јадете здраво, пиете вода, спиете добро, поубаво стареете. Не сум решил дали ќе продолжам“, додава Фламини.

Фламини: Немам 30 милијарди во банка

Scroll to Top