Поранешниот играч на Арсенал, Матју Фламини ги демантираше вестите дека станал милијардер по успехот на неговата био-механичка компанија.
Францускиот играч за врска е ко-основач на компанијата „ГФ Биохемикалс“, која произведува хемиски замени за масло. Фламини, кој сега игра во шпанскиот клуб Хетафе во интервју за „Л’Екип“ ја објаснува ситуацијата.
„Важно е да ги разјасниме работите. Иако читам дека е така, немам 30 милијарди евра на мојата сметка. Таа сума не е ниту приближна до вредноста на мојата компанија ’ГФ Биохемикалс’, всушност тоа е целосната вредност на пазарот кој се обидуваме да го освоиме. Се работи за недоразбирање. Тоа е како да си го процениш својот ресторан со сума за целиот пазар на ресторани во Франција“, објаснува Фламини.
Фламини минатата сезона играше во Кристал палас, пред да замине за Хетафе со слободен трансфер во февруари. Тој ја формираше „ГФ Биохемикалс“ со партнерот Паскал Гранат, и тие се единствената компанија која произведува левулиничка киселина директно од биомаса, како трева или пилевина.
Се верува дека 34-годишниот ветеран дури е побогат од супер-ѕвездите како Лео Меси и Кристијано Роналдо.
„Кога си јавна личност, мораш да читаш со дистанца што пишуваат за тебе. Но, приказната малку боли, бидејќи со тој бизнис главната мотивација не беа парите, туку позитивното влијание на природната околина“, додава Фламини.