И покрај тоа што сите го „погребаа“ проектот на Европската Суперлига, Флорентино Перез, претседателот на Реал Мадрид и идеолошки водач на групата на 12 клубови кои се обидоа да се „отцепат“ од УЕФА, останува на своето и планира да ја тужи УЕФА, тврди италијанскиот весник „Кориере дела сера“.
Иако проектот колабираше само 48 часа по објавувањето минатата сабота, откако шесте премиерлигашки клубови се повлекоа во вторникот, приказната очигледно не е завршена и сега следува политичката борба помеѓу клубовите кои останаа (Јувентус, Милан, Реал Мадрид, Барселона), другите осум клуба и УЕФА.
Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, во интервју за британските медиуми изјави дека клубовите мора да бидат казнети, но од друга страна според италијанските медиуми, Перез размислувз а контратужба.
Мотивот и причината на Перез се едноставни – тој тврди дека УЕФА не може да делува и како организатор на европските натпреварувања и како регулатор, што според него се коси со антитрастовските закони на Европската Унија. Перез тврди дека УЕФА има монопол, нешто што не е дозволено со законите на ЕУ.