Top Sport

Флорентино Перез не го сака Алонсо, ќе добие отказ ако изгуби во недела

Чаби Алонсо го преживеа домашниот пораз на Реал од Манчестер Сити (1:2) во шестото коло од Лигата на шампионите, но ако повторно загуби во недела против Алавес во 16-то коло од Ла Лига, ќе биде отпуштен. Ова го пишува Би-Би-Си по новиот неуспех на Реал, кој веќе некое време е во криза, поради што неговиот тренер е во опасност да добие отказ.

Шпанскиот новинар Гилем Балаге пишува за Би-Би-Си од Мадрид: „И покрај претходните извештаи дека Алонсо би можел да ја изгуби работата ако изгубат, Би-Би-Си Спорт дознава дека неговата позиција не е под непосредна закана и веројатно ќе издржи во следните неколку дена, но трет пораз по ред, во недела против Алавес конечно би можел да го означи крајот.“

Истиот извор додава: „Кога на прес-конференцијата по поразот од Сити беше прашан дали разговарал со претседателот Флорентино Перез, Алонсо одговори: „Дојдов директно тука“. Раководството на Реал разговараше за промената на тренерот длабоко во ноќта по поразот од Селта во неделата и би било големо изненадување ако не се сретнат повторно.“

Зборувајќи за иднината на Алонсо, Хуан Кастро, новинар на „Марка“ и инсајдер на Реал, изјави за Би-Би-Си Радио 5: „Јас сум песимист. Вистина е дека не беше тежок пораз бидејќи се бореа, лошо е што повторно загубија дома, уште еден пораз по ред. Доста е тешко за тренер да го поднесе тоа. Ќе видиме што ќе се случи, но сега атмосферата на Бернабеу е фокусирана на Чаби Алонсо.

Сега сум 100 проценти песимист. Перез не сака ваков тренер. Она што Перез не го прифаќа под никакви околности е пораз. Немате толку многу опции за замена на Чаби. Многу е лесно да се каже дека Чаби ќе биде отпуштен или дека е во опасност, но друго прашање е да се најде соодветна замена во декември.“

Поранешниот тренер на Баер Леверкузен и поранешен играч на Реал Мадрид ја презеде функцијата пред Светското клупско првенство ова лето и ја започна сезоната со 13 победи во првите 14 натпревари, но проблемите започнаа по поразот од Ливерпул на 4 ноември.

Оттогаш, Реал победи само на два од осум натпревари, во сите натпреварувања.

Реал е втор во Ла Лига, четири бода зад Барса, и е меѓу првите осум во Лигата на шампионите благодарение на гол-разликата. Алонсо сега преживува од натпревар во натпревар, поточно до првиот пораз. Тој не смее да го изгуби натпреварот кај Алавес, кој се игра во недела напладне.

Foto/ depositphotos

Scroll to Top function disable_right_click() { echo ""; } add_action('wp_footer', 'disable_right_click');