Top Sport

Флорентино Перез за Мбапе исто како за Фиго: Јас секогаш сум смирен

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез изјави дека „секогаш е смирен“ по новите случувања со Килијан Мбапе и неговиот конфликт со Пари Сен-Жермен, со што навивачите на кралскиот клуб се потсетија на неговите изјави пред да го донесе Луиш Фиго од Барселона во еден од најконтроверзните трансфери на сите времиња.

Мбапе минатата година ги одби Реал Мадрид и го продолжи договорот со Пари Сен-Жермен, но сега влезе во судир со својот клуб кој му даде ултиматум да потпише нов договор или да биде продаден. Тие го пратија да тренира со резервите на тимот и не го понесоа на турнејата во Азија.

Перез беше „фатен“ на изборите во Шпанија, каде што прашањето пак беше околу 24-годишниот Мбапе и неговиот трансфер во Реал.

„Секогаш сум смирен. Денеска, гласаме и не размислуваме за ништо друго, ова е важна тема за Шпанците“, одговори Перез со насмевка.

Одговорот за неговата „смиреност“ веднаш повлече паралели со неговата изјава при претседателските избори за Реал Мадрид во 2000, кога ветуваше дека ќе го донесе Луиш Фиго, тогаш најголемата ѕвезда на лутиот ривал, Барселона. Перез ги доби изборите и го оствари ветувањето со трансферот на Португалецот. Дали историјата ќе се повтори, останува да се види.

Scroll to Top