Top Sport

Фогтс: Кутињо не е ѕвезда, туку само „резервист“ од Барса

Поранешниот германски селектор, Берти Фогтс вели дека Баерн Минхен згрешиле со трансферот на Филипе Кутињо од Барселона, оценувајќи дека Бразилецот воопшто не е фудбалска ѕвезда како што многумина проценуваа.

Кутињо во понеделникот отиде како позајмен фудбалер во Баерн, а германските шампиони имаат шанса да го откупат за 120 милиони евра, откако во Барселона тој не се снајде во година и пол по трансферот од 160 милиони евра од Ливерпул.

„На прв поглед, позајмицата на Кутињо е одлична зделка за Бундеслигата. Но, едно прашање: Зошто 27-годишен фудбалер заминува од Барселона? Бидејќи таму доби шанса. Можеби тој не е ѕвезда, туку некој кој во новата сезона ќе беше само резервист на Барселона“, вели Фогтс.

Фогтс исто така се сомнева и во носењето на младинскиот француски репрезентативец, Мишел Кусанс, кој доаѓа од Борусија Менхенгладбах.

„За него не можам да направам проценка, но неговото однесување ме нервира. Според спортскиот директор на Менхенгладбах, Макс Еберл, тој прво побарал редовно место во тимот и потоа на 20 години заминува во Баерн, каде што ќе има ниски шанси да биде првотимец. Но, и покрај ова, Баерн се први фаворити за германската титула“, додава Фогтс.

Scroll to Top