Top Sport

Салах може да „здивне“, ФИФА ја презеде контролата на Египетската федерација

Проблемите во Египетската фудбалска федерација ќе се решаваат преку „принудна управа“ од страна на ФИФА, откако светската куќа на фудбалот потврди дека четири мажи и една жена од нивната управа ќе ја предводат федерацијата до новите избори следната година.

По неочекуваниот пораз во осминафиналето на Африканскиот куп на нации и покрај тоа што во тимот го имаа Мохамед Салах, федерацијата прво го отпушти селекторот Хавиер Агире и целиот тренерски тим, пред претседателот Хани Або Рида да си поднесе оставка заедно со целиот борд на федерацијата.

Або Рида сепак, останува член на комитетот на ФИФА, каде што ја претставува Африка во последните 10 години. Самиот Салах неколку пати влезе во директен конфликт со федерацијата, најмногу околу користењето на неговиот лик во комерцијални цели.

ФИФА не дозволува мешање на националните влади во водењето на фудбалските федерации, и затоа сега Египет ќе има „принудна управа“ до следниот избор. ФИФА во исто време дава милиони долари на Египет за изградба на ново седиште на федерацијата и тренинг-камп за репрезентацијата.

Scroll to Top