Поранешниот напаѓач на Манчестер јунајтед, Диего Форлан е пресреќен што во клубот има двајца негови сонародници, Единсон Кавани и младиот Факундо Пелистри, велејќи дека во искусниот Кавани имаат фудбалер како Златан Ибрахимовиќ.
„Ѓаволите“ претходно го донесоа Златан во 2016 од Пари Сен-Жермен и тој беше одличен за тимот, пред да замине прво во Лос Анџелес галакси, а потоа во Милан. Сега, тие повторно земаат ветеран од ПСЖ, Кавани, што предизвика многу прашања, посебно поради неговите 33 години. Форлан не се согласува.
„Единсон е голем фудбалер и уште не сум забележал пад во неговата игра. Тој е врвно засилување за Јунајтед, исто како што беше Златан, бидејќи се ист тип на играчи. Ќе биде пример за другите со неговата работа и игра и позитивен за младите играчи. Силен е и тоа му одговара во англискиот фудбал, а мислам дека е и многу мотивиран“, вели Форлан.
Форлан, според англиските медиуми, беше заслужен што Оле Гунар Солскјер се решил да го купи и 18-годишниот Факундо Пелистри, кого Форлан го споредува со Рајан Гигс, откако работеше со него во Пењарол.
„Тој е брз и лесно ги поминува противниците, дури и кога Пењарол имаше слаб тим. Сака да добие топка во средината и да оди напред. Јас го поставував во мојот тим секоја недела, бидејќи верувам во него. Му кажав на Оле дека има многу потенцијал, но дека му треба развој“, вели Форлан.