Top Sport

Франција ја декласираше Украина – совршена вечер за херојот Оливие Жиру

Оливие Жиру вечерва имаше чест да ја носи капитенската лента на актуелните светски шампиони, Франција, за кои го одигра својот 100. натпревар, а вечерта на „Стад де Франс“ да биде совршена се погрижи со два гола за да помогне при 7:1 триумфот над Украина во пријателски меч и за поминување на Мишел Платини на второто место на вечната листа на стрелци.

Честопати критикуван и потценуван (посебно од поранешниот соиграч Карим Бензема), по прекрасниот гол на младиот Едуардо Камавинга на стартот на мечот, Жиру постигна два гола, во 24. и 34. минута за да стигне до 42 гола за Франција, поминувајќи го Платини (41) и останувајќи само зад Тјери Анри, кој има 51 гол.

По ова, Французите во „славеничка“ атмосфера го декласираа тимот на Андриј Шевченко. Миколенко во 39. минута си даде автогол за 4:0, пред Виктор Циганков да намали на 4:1 во 53. минута.

Финишот на мечот му припадна на Килијан Мбапе – прво му асистираше на Корентин Толисо во 65. минута, за во 82. минута да се запише во листата на стрелците, пред Антоан Гризман во 88. минута да ги постави конечните 7:1.

Scroll to Top