Франција ја исполни фаворитската улога и се пласираше во полуфиналето на Мундијалот во Русија, откако со 2:0 ги совладаа упорните Уругвајци и поставија супер дуел со подобриот од дуелот Бразил-Белгија, меч кој стартува во 20 часот.
Иако се очекуваше дека „триколорите“ ќе имаат големи проблеми со силната уругвајска одбрана, тие го „начнаа“ Уругвај со голот на Рафаел Варан со глава, пред грешката на голманот Фернандо Муслера по ударот на Антоан Гризман да стави печат на победата.
Уругвај стартуваше без повредениот Единсон Кавани, на чие место беше Кристијан Стуани и на почетокот двапати се заканија. Прво во петтата минута, Лаксалт нафрли, а ударот на Нандез е блокиран од одбраната, а само минута подоцна, Суарез го пронајде Стуани кој нафрла топка, но нема никој во шестнаесетникот.
Французите бргу враќаат преку ударот на Жиру во осмата минута, пред во 13. минута, Мбапе успеа да помине двајца дефанзивци пред да биде стопиран со фаул. Уругвај минута подоцна има супер-шанса, кога ударот на Стуани го сопира Љорис, а веднаш потоа, Килијан Мбапе со глава удира над голот.
„Триколорите“ ја преземаат теренската иницијатива, која резултира со гол во 40. минута. Гризман изведува слободен удар од десната страна, а Варан е највисок во скокот за големо водство.
Уругвај покажува дека е сериозен тим кога во 45. минута по уфрлувањето на Тореира, Касерес со глава упатува одличен удар во долниот десен агол, но Љорис има фантастична одбрана.
Во второто полувреме, темпото беше послабо, а мечот беше практично решен во 62. минута, кога голманот Фернандо Муслера му „подари“ гол на Антоан Гризман. Шутот од 20-тина метри не беше многу силен, но Муслера сам си ја уфрли топката во голот.
Фото: ЕПА