Нејмар, најскапиот играч во светот, по се изгледа ќе го напушти Париз, по завршувањето на сезоната. ПСЖ, за Нејмар, издвоија 222.000.000 евра, но Бразилецот никогаш не успеа да се наметна како вистински лидер и играч кој прави разлика во натпреварите, во Лигата на шампионите.
Елиминацијата од Реал повторно на површина ги исфрли сите проблеми кои постојат во соблекувалната на ПСЖ. Навивачите, најмногу го критикуваат Нејмар. Кон него и кон Меси беа упатени низа навреди на мечот со Сент Етиен.
Нејмар и пред дуелите со Реал ги налути навивачите со изјават дека би сакал да игра во САД, во МЛС лигата, бидејќи таму паузата помеѓу две сезони трае три месеци и дека на тој начин би имал повеќе време за одмор.
По дуелите со Реал, го обвинија дека тој максимално ја влошил атмосферата во тимот.
Новинарот на РМЦ, Даниел Риоло, тврди дека Нејмар е во лоша состојба и дека повеќе не наликува на професионален фудбалер.
„Речиси и не тренира. На тренинзите доаѓа пијан. На овој начин сака да му се освети на клубот. Да, тоа е вистина, Нејмар раскина со клубот и соиграчите“, рекол Риоло.
„На навивачите не им е гајле за неговите глупости и документарецот на Нетфликс. Мораме да му напишеме чек и да го пуштиме да си оди. Пуштете го, тој го уништува ПСЖ“.
Нејмар сезонава има одиграно 21 натпревар (1.545 минути), постигнал пет гола и забележал пет асистенции. Од 2017 година, за ПСЖ одиграл само 135 натпревари.