Top Sport

Французите не се плашат од „ѓаволи“ – ќе го бркаат мундијалскиот трофеј (видео)

Франција е првиот финалист на Светското првенство во фудбал, и во недела ќе го брка вториот мундијалски трофеј, откако во натпревар со високо темпо со минимални 1:0 ги совлада инспирираните Белгијци.

Франција ќе го чека подобриот од утрешниот дуел меѓу Англија и Хрватска (20.00 часот) во големото финале во недела на „Лужники“.

Талентот на младиот француски тим беше несомнен и во надигрувањето со својот сосед на моменти не беа подобри, но на крајот „четата“ на Дидие Дешам ќе оди на втора светска слава по 1998 кога Дешам како капитен на домашен терен го донесе трофејот.

За „златната генерација“ на белгискиот фудбал, ова е неуспех, посебно откако претходно успеаја да ги елиминираат првите фаворити Бразилците.

Натпреварот почна интензивно на двете половини од теренот, со повеќе шанси, но без реализација.

Азар во 6. минута влегува од левата страна и уфрла топка во петерецот, но Умтити е побрз од Лукаку. Белгија го има поседот, а Французите го дозволуваат тоа. Во 10. минута, Де Бројне го наоѓа Азар на левото крило, но Варан е побрз од ривалот.

Французите враќаат во 11. минута, кога Дембеле го наоѓа Мбапе во шестнаесетникот, но Белгијците се сигурни во одбраната. Франција и во 13. минута имаа добра шанса преку Погба, кој упатува пребрза топка за Мбапе.

Потоа следуваат две одлични шанси а Белгија. Де Бројне го наоѓа Азар во 16. минута, кој удира од 15 метри покрај голот. Во 19. минута, Азар повторно шутира, но Варан блокира на време.

Тоби Алдервирелд упатува вистинска „бомба“ во 22. минута, но Љорис има фантастична одбрана. Во 31. минута, Гризман од слободен удар го наоѓа Жиру, кој со глава погодува блиску до голот. Гризман повторно е во шанса две минути подоцна.

Најдобрата шанса во првото полувреме, Франција ја има преку Павар во 40. минута, кога Куртоа со одлична реакција спасува гол.

Французите дојдоа во водство во 51. минута, кога по корнер, Умтити е повисок од Фелаини и го совладува Куртоа.

Само шест минути подоцна, можеби најубавиот потег на натпреварот – со брзи додавања, вклучувајќи ја и петата на Мбапе, топката доаѓа до Жиру, но неговиот обид е блокиран.

Белгија фрла сѐ за нападот – Мертенс го менува Дембеле. Во 65. минута, Мертенс уфрла одличен центаршут, но Фелаини со глава удира блиску до голот. Во 81. минута, Витсел со фантастичен удар од 25 метри го тестира Љорис. Во 88. минута, по нафрлањето на Де Бројне, голема мешаница во шестнаестникот, но без резултат.

Фото: ЕПА

Scroll to Top