Репрезентациите на Англија и Велс ќе одиграат пријателски натпревар во четврток за да ја подигнат свеста за Алцхајмеровата болест. Во втората половина од натпреварот, играчите на двата тима ќе истрчаат на теренот облечени во дресови без имиња на грбот, што симболично означува губење на меморијата, еден од најчестите симптоми на оваа сериозна болест.
Оваа иницијатива е дел од партнерството помеѓу Фудбалската асоцијација (ФА) и Здружението за Алцхајмерова болест, кое трае од 2021 година. Англиската репрезентација веќе имаше слична акција минатата година во натпреварот против Белгија.
Пред почетокот на натпреварот, на тимовите ќе им се придружат на теренот 22 навивачи кои живеат со деменција, испраќајќи силна порака до јавноста.
„Фудбалските навивачи се номинирани низ цела Англија и Велс да ги претставуваат многуте различни лица на деменцијата во Велика Британија и ќе излезат на теренот заедно со тимовите за да пренесат силна порака дека ќе биде потребен обединет тим за да се победи најголемиот убиец во Велика Британија“, се вели во соопштението на ФА.