Доменек Торент, помошникот на Пеп Гвардиола во Баерн Минхен тврди дека фудбалерите на баварскиот гигант ја игнорирале тактиката на Пеп при понижувачкиот пораз од 4:0 од Реал Мадрид во Лигата на шампионите во 2014 година.
Баварците влегоа во вториот меч од дуелот со шанса за трето финале во низа, откако во Мадрид загубија со 1:0, но на „Алијанц арената“ им се случи вистинска хаварија и Реал со супер тактика на напаѓачки фудбал стигнаа до 4:0 победа.
Торент тврди дека Гвардиола ги предупредил своите фудбалери да имаат повнимателен пристап на мечот, но тие решиле да тргнат во напад.
„Идејата на Пеп беше да се игра посмирено и да се чека нивна грешка, но клучните фудбалери во тој меч решија да одат во напад. Имаше многу грешки во одбранбената поставеност, но тие се случуваат. Но, можеби со идејата на Пеп со поголема контрола ќе загубевме со 0:5“, вели Торент за германскиот магазин „Кикер“.
Торент вели дека клучниот човек во тимот на Баерн под Гвардиола бил капитенот Филип Лам.
„Лам беше нов Чави за Пеп во Баерн. Лам можеше да игра со нас и во Барселона поради неговата интелигенција“, додава Торент.