По состанокот на капитените на клубовите од шпанската Ла лига, тие пратија јасна порака до првите луѓе на лигата дека не се подготвени да играат мечеви во САД.
Претседателот на асоцијацијата на фудбалери (АФЕ), Давид Аганзо вели дека ако е потребно че се оди и на штрајк.
„Не можеме да прифатиме еднострани одлуки. Ла лига покажа недостаток на почит кон фудбалерите на кои оваа одлука директно влијае. Капитените се едногласни. Штрајк? Ќе се обидеме да не одиме до тој екстрем, но ќе направиме сѐ што е потребно. Лани дојдоа фудбалери од Саудиска Арабија, сега играме во понеделник… Се навикнуваме на неприродни работи. Кој размислува за фановите? Дојде време да се рече не“, изјави Аганзо.
АФЕ ќе се сретне со првите луѓе на Ла лига следниот месец во обид да се надминат несогласувањата.
„Би сакал на првиот човек на лигата, Хаивер Тебас да му покажам дека фудбалот не е само пари и бизнис“, вели Аганзо.