Бразилскиот напаѓач на Фламенго, Габриел Барбоса Габигол вели дека би сакал да игра во Премиер лигата, и тоа покрај својот „идол“ Роберто Фирмино во Ливерпул, бидејќи сите сакаат да играат за „црвените“.
23-годишниот Габигол имаше тежок прв влез во европскиот фудбал преку Интер и Бенфика, пред оваа година да постигне 34 гола во 40 меча за Фламенго да ја освои бразилската титула и трофејот од Копа Либертадорес. Бидејќи е уште сопственост на Интер, тој најверојатно нема да се врати во Фламенго по крајот на договорот на крајот на 2019, и признава дека би сакал да игра на „Енфилд“.
„Фирмино е голем фудбалер, навистина го почитувам. Тој е толку успешен во Европа многу години и секогаш е подготвен, за клубот и за Бразил. Вистинска инспирација за мене и навистина би било забавно да се игра покрај него. Ливерпул? Па, тоа е клуб за кој сите сакаат да играат“, вели Габигол.
Габигол ќе може да се судри со Ливерпул и Фирмино на Светското клупско првенство каде што Фламенго се квалификуваше како јужноамерикански шампион.
„Сега се фокусираме на тоа натпреварување. За иднината ќе видиме, но навистина ми се допаѓа Премиер лигата. Таму ти е потребна техника, сила и брзина. Секогаш ги следам мечевите на ТВ“, вели Габигол.