Аргентинскиот тренер Марсело Гаљардо објави дека ја напушта клупата на Ривер Плата.
Тој им се обрати на навивачите на великанот од Буенос Аирес во видео порака.
„Ова е порака за сите навивачи на Ривер. Ќе се обидам да бидам краток за да не бидам преплавен од емоции и болка од објавувањето дека натпреварот во четврток ќе биде мојот последен на клупата на Ривер. Едноставно сакам да ја изразам мојата благодарност, пред сè до овој голем клуб и луѓето што го водат и работат тука, за безусловната љубов во текот на сите овие години, дури и во тешки моменти, како овој сега кога не оди се спроед планираното. Преплавен сум од емоции и длабока тага затоа што не ги постигнавме зацртаните цели. Сакам да им се заблагодарам на сите што веруваа во мене и мојот тим да ја претставуваме оваа институција, и немам ништо друго освен зборови на благодарност за сите. Едноставно ја враќам љубовта што ја чувствувам кон сите навивачи и искрено се надевам дека оваа институција, која енормно порасна во последните години – тоа е модел институција во целиот регион – наскоро ќе може да постигне позитивни резултати на теренот за дополнително да го подобри она што Ривер Плата значи како институција низ целиот свет“, рече со солзи во очите тренерот Гаљардо.
Вториот мандат на клупата на тимот за Гаљардо, а и за клубот, не беше ни приближно толку успешен како првиот кога тимот освои сè што можеше да се освои под водство на поранешниот аргентински репрезентативец. Вкупно, тој донесе дури десет трофеи во витрините, од кои два во Копа Либертадорес.
Во осум сезони во својот прв мандат, Гаљардо стана најтрофеен тренер во историјата на клубот.
По напуштањето на Ривер, тој беше во Ал-Итихад каде што не остана ниту една година, по што, во август 2024 година, се врати во Ривер, на радост на навивачите.
Сепак, во вториот мандат на клупата, Гаљардо не можеше да повтори ниту еден успех од првиот мандат. По серијата порази оваа сезона, дури 13 во последните 20 натпревари, тој реши да ја напушти функцијата.
Foto/ depositphotos
