Top Sport

Гатусо: Како да сум во рајот

Новиот тренер на Милан, Џенаро Гатусо беше и официјално претставен на прес-конференција во Милано.

Гатусо го презема „жешкото столче“ на „росонерите“ од Винченцо Монтела, кој оваа сезона и покрај големите инвестиции во засилувања, не успеа да ја најде вистинската форма.

„Ова е важен ден и голема одговорност за мене. Ме чека напорна работа, бидејќи овој тим има многу интернационалци и просечна возраст од 21 година. Не минуваат низ лесен период, но сè е на своето место да имаме добар тим. Ќе играме со тројца во дефанзива. Со Монтела се согласувам, но имаме различни концепти. Тој сакаше да ја контролира топката, но јас сакам подиректен пристап. Тројца во одбрана и средниот ред се фиксни, ќе видиме за нападот“, го даде воведното излагање популарниот „Рино“.

Тој не успеа да ги избегне емоциите, откако досега работеше со Примавера, јуниорскиот тим на Милан.

„Ги имам истите емоции како кога бев играч. Кога доаѓам во Миланело како да сум во рајот. Има прекрасни терени и огромни услови за работа. Ја сакам мојата работа и ќе ја работам со страст. Привилегија е да си начело на овој клуб. Потребен ни е борбен дух, но тоа нема да биде доволно, бидејќи ни е потребен и квалитет. Сега не ја гледам табелата, одиме ден по ден. Мечто со Бенвенто ќе биде како финале на Светското првенство“, вели Гатусо.

Тој исто така одговори на постојаните тврдења дека тој е поголем мотиватор отколку тактичар.

„Смешно е што постојано зборуваме за мојата цврстина. Не ми ја дадоа тренерската лиценца онака. Не можеш да се подготвуваш само со желба, потребно е и знаење. Има многу фотографии во Миланело кои доволно не потсетуваат на славната историја на тимот. Не ја забораваме ДНК-та на Милан“, завршува Гатусо.

Scroll to Top