Новиот селектор на италијанската фудбалска репрезентација, Џенаро Гатузо, денес ја имаше официјалната промоција. Гатузо изјави дека тимот има сè што е потребно за да се квалификува за Светското првенство во 2026 година. Гатузо функцијата ја презеде од Лучано Спалети.
„Дресот на репрезентацијата е тежок, но зборот „страв“ не смее да постои. Имаме тим кој е доволно добар за да се квалификува за Светското првенство. Треба да го вратиме ентузијазмот и желбата да бидеме обединети во тешки моменти. Имам јасна претстава што треба да направиме, мора да го вратиме ентузијазмот и да не размислуваме негативно“, рече Гатузо на прес-конференцијата каде што беше претставен како нов селектор на Италија, објави АНСА.
Гатузо го замени Лујан Спалети на клупата, кој ја напушти репрезентацијата по лошиот почеток на квалификациите за Светското првенство во 2026 година. Во првото коло, Италија загуби од Норвешка со 0:3, а во второто ја победи Молдавија со 2:0. Со оглед на тоа колку добро изгледаат Норвежаните во овој квалификациски циклус, Италија веројатно повторно ќе игра во баражот за пласман на СП. Претходните два баражи за оваа селекција беа кошмарни.
„Кој и да дојде во тренинг центарот во Коверчано, мора да има ентузијазам. Најважно е тимот да биде семејство. Техниката и тактиката доаѓаат подоцна, мора повторно да бидеме тим“, рече 47-годишниот тренер.
Задачата на Гатузо е да го предводи тимот до Светското првенство во САД, Канада и Мексико, откако репрезентацијата ги пропушти претходните две светски првенства во Русија и Катар.
„Враќањето на Светското првенство е фундаментално за нашето фудбалско движење. Пред мене е тешка работа, но ништо во животот не е лесно. Често слушам луѓе како велат дека нашиот фудбал нема талент, но играчите се тука, мора да ги ставиме во услови да го дадат својот максимум“, рече Гатузо.
Поранешниот италијански репрезентативец, со кого го освои Светското првенство во 2006 година, рече дека преземањето на репрезентацијата е сон што се остварува и дека ќе зборува помалку, а ќе работи повеќе.
Гатузо го напушти Хајдук од Сплит на крајот од сезоната, една година пред истекот на неговиот договор, откако доживеа дебакл и заврши на третото место во хрватското првенство. Меѓу другите, како тренер ги водеше и Пиза, Милан, Наполи, Валенсија, Олимпик Марсеј и го освои Купот со Наполи во сезоната 2019/2020.