Top Sport

Гави нема да игра до февруари

Фудбалскиот клуб Барселона потврди дека играчот од средниот ред Пабло Паес Гавира, познат како Гави, е успешно опериран по повредата на коленото.

Како што беше објавено на официјалниот профил на клубот „X“, 21-годишниот играч од средниот ред е подложен на артроскопска интервенција за санирање на повредата на медијалниот менискус.

Според проценките на медицинскиот тим, очекуваниот период на закрепнување е помеѓу четири и пет месеци, што значи дека Барселона нема да може да смета на еден од своите најважни млади играчи веројатно до февруари следната година.

Оваа информација ги изненади навивачите на каталонскиот клуб бидејќи локалните медиуми во претходните денови се прашуваа дали Гави ќе биде подготвен за првото Ел Класико во сезоната, кое е закажано за 26 октомври.

Играчот на Барселона се повреди кон крајот на август во текот на тренингот, а дури и тогаш се стравуваше дека станува збор за сериозна повреда на коленото.

Во ноември 2023 година, талентираниот фудбалер доживеа сериозна повреда, руптура на предните вкрстени лигаменти и оштетување на менискусот на истото колено, поради што беше надвор од терените една година.

Младиот играч од средниот ред се придружи на растечкиот список на повредени во тимот од „Камп Ноу“, на кој се наоѓаат Фермин Лопез, Ламин Јамал, Алехандро Балде и голманот Марк-Андре тер Штеген.

Foto/ „X“

Scroll to Top