Top Sport

Газдата на Наполи јавно се збогува со Конте три дена по Скудетото

Аурелио Де Лаурентис, претседателот на Наполи, јавно му оддаде почит на Антонио Конте, човекот кој успеа да го трансформира тимот по разочарувачкото десетто место минатата сезона и да го врати на врвот на Серија А.

На свечената вечера во Посилипо, со која заврши денот исполнет со голема прослава, вклучувајќи парада со автобуси со отворен кров низ улиците на Неапол, Де Лаурентис одржа емотивен говор во кој навести дека ова би можело да биде и проштално обраќање до тренерот.

„Морам искрено и топло да го прегрнам овој господин затоа што презеде тим кој беше на работ на бездната и заедно го зајакнавме. Потоа тој продолжи напред и, иако остана без Кварацкелија, успеа да ги претвори недостатоците во предност да се справи со бројните повреди, користејќи не еден, туку четири или пет различни системи на играта.

Тој му покажа на целиот свет дека системите не се важни, важен е само врвен фудбалски толкувач. Тој нè одведе до крајот и ни го донесе второто Скудето за три години. Затоа барам аплауз… Ви благодарам, ви благодарам, ви благодарам!“, рече Де Лаурентис додека Конте стоеше до него.

Откако му даде збор на тренерот, кој им се заблагодари на клубот, играчите и колегите, претседателот го заврши својот говор со најважната реченица на вечерта: „Се надевам дека Конте ќе продолжи да постигнува успеси во својот професионален живот. Тој е човек кој заслужува почит и успех. Тој живее секој ден со целосна посветеност. Ти благодарам, Антонио!“

Scroll to Top