Кинескиот третолигаш Сичуан Џуиниу стана седмиот фудбалски клуб во сопственост на газдите на Манчестер сити, „Сити фудбал груп (ЦФГ)“. Клубот од Ченгду долго време беше мета на газдите од Обединетите Арапски Емирати во обид да се пробијат и на азискиот пазар.
ЦФГ веќе има клубови во САД (Њујорк сити), Австралија (Мелбурн сити), Јапонија (Јокохама Маринос), Шпанија (Џирона) и Уругвај (Клуб Атлетико Торк), а во Кина веќе имаат отворено две претставништва во Шангај и Шенжен.
„Ова е уште едно поглавје во растот на ’Сити фудбал груп’, а Кина секогаш била голем пазар кој подолго време предизвикува внимание на целиот свет. Веруваме во иднината на фудбалот во Кина и влегуваме со голема надеж во овој проект“, вели извршниот директор на ЦФГ, Феран Соријано.
ЦФГ беше воспоставена во мај 2013 како холдинг компанија во сопственост на Абу Даби јунајтед групацијата, откако го промовираа Њујорк сити ФЦ, а во компанијата делумно сопствеништво имаат кинеските компании „Чајна медија капитал“ и „ЦИТИЦ капитал“.
По ова тие го преземаа Мелбурн хит во јануари 2014 и го преименуваа во Мелбурн сити ФЦ, а во мај таа година делумно го откупија Јокохама Маринорс, а потоа целосно уругвајскиот прволигаш Клуб Атлетико Торк во април 2017. Во август 2017 тие станаа ко-сопственици на шпанскиот прволигаш Џирона. Потрагата за африкански клуб уште трае.