Големите навивачки нереди пред и по натпреварите во европските купови во последно време, од кои последниот беше вчерашниот во Неапол меѓу домашните навивачи од една и навивачите на Ајнтрахт и нивните сојузници од Аталанта од друга страна, се голем безбедносен проблем во Италија.
„Хулиганските групи се многу поопасни кога се обединуваат и прават сојузи, па тогаш се судираат навивачите на не два клуба, како што беше претходно, туку на повеќе од еден клуб“, пишува „Газета дело Спорт“.
Еден инцидент во Рим неодамна доби огромен публицитет во Италија и Србија. Таму, навивачите на Црвена звезда, со помош на нивните сојузници, навивачите на Наполи, ги нападнаа „Федаиносите“, навивачите на Рома, во заседа во близина на стадионот „Олимпико“ и им го украдоа најстариот транспарент.
Неколку дена потоа навивачите на Црвена звезда, на натпревар на нивниот клуб, го запалија овој транспарент. Тогаш тие подигнаа и транспарент со порака „Избравте погрешно друштво“, алудирајќи на тоа дека навивачите на Рома се во добри односи со навивачите на Динамо Загреб.
Сите овие насилни конфликти се случуваат на јавни места и претставуваат голема опасност за безбедноста и имотот на граѓаните, бидејќи во Неапол гореа автомобили, а навивачите ја нападнаа и полицијата во центарот на градот.
Затоа „Газета дело Спорт“, објави табела на навивачки сојузи на италијанските клубови со навивачи од странство.Таа покажува дека освен навивачите на клубовите од ЕУ, значајно место заземаат српските навивачки групи. „Делии“, кои ја следат Црвена Звезда, се во сојуз со навивачите на Наполи, додека „Гробари“, навивачите на Партизан, се поврзани со навивачите на Милан.