Италијанската „Газета дело Спорт“ носи нови вести за Супер лигата. Поточно, за санкциите предвидени за единствените три клуба кои формално се уште не откажаа од Супер лигата: Реал Мадрид, Барселона и Јувентус.
Да потсетиме, Супер лигата ја основаа 12 клуба (Реал, Барселона, Атлетико, Јувентус, Интер, Милан, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Арсенал, Челси, Тотенхем). Лигата се распадна по 48 часа.
Минатата недела, Трговскиот суд во Мадрид пресуди дека УЕФА е слободна да ги казни трите клуба.
Во тој поглед се очекуваат исти санкции со кои се соочија клубовите што ја напуштија Супер лигата. Казната за другите клубови беше 15 милиони евра и 5отсто од сезонскиот приход.
Според извори на „Газета дело Спорт“, УЕФА нема да преземе мерки уште некое време. Ново рочиште е закажано за средината на јуни во судот во Мадрид, а Европскиот суд на правдата нема да се произнесе за легитимноста на Супер лигата до 2023 година.
Сепак, Италијанците наведуваат дека УЕФА е подготвена за секакви можни дејствија во случај трите споменати клубови повторно да ја откажат послушноста и да одбијат да ја платат казната.
Се споменува дури и исфрлање од Лигата на шампионите. Со оглед на датумот на одлуката на Европскиот суд на правдата, таквата санкција би можела да се активира само за сезоната 2023/24.