Лука Модриќ утре ќе ги има одлучувачките преговори со претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез околу можниот трансфер во Интер, додека во исто време хрватските фудбалери во Италија потврдија дека тој сака да замине од „Бернабеу“.
32-годишниот Модриќ, инаку најдобриот фудбалер на неодамна завршеното Светско првенство, стана изненадувачка мета на Интер откако наводно неговата сопруга ги контактирала луѓето од „нераѕурите“ со желба за трансфер.
Според „Газета“, Модриќ денеска конечно ќе дојде во Мадрид со неговото семејство, пред утре да има клучен разговор со Перез, кој минатата недела изјави дека кој сака да го види Хрватот во неговиот тим треба да плати астрономски 750 милиони евра. Италијанските медиуми претходно информираа дека Интер ќе плати околу 100 милиони евра за Модриќ, пари кои ќе ги обезбеди кинескиот спонзор на Интер.
„Газета“ исто така вели дека од тројцата хрватски фудбалери во Интер, Иван Перишиќ, Марцело Брозовиќ и новото засилување Шиме Врсаљко добиле информации дека нивниот репрезентативен капитен сигурно сака да замине од Реал.
Фото: ЕПА