Матео Гендузи, францускиот фудбалер на Арсенал кој е позајмен во Олимпик Марсеј, вели дека нема намера да се враќа во премиерлигашот и дека би преферирал да остане на „Велодром“.
Гендузи потпиша со Арсенал од Лориен во 2018 година и беше клучен дел од тимот под Унаи Емери, но беше во конфликт со неговиот наследник Микел Артета поради дисциплински проблеми, и по позајмицата во Херта, во летниот преоден рок беше пратен во Марсеј.
Таму тој игра во одлична форма, добивајќи повик во француската репрезентација, и иако има договор со Арсенал до 2023, не планира да се враќа во Лондон.
„Денеска уште сум позајмен фудбалер и обврзан со договорот со Арсенал, но целосно сум фокусиран на Олимпик Марсеј. Тоа е тим во кој се гледам во иднина и сакам да бидам долгорочно на ‘Велодром’. Многу е забавно“, вели Гендузи, кој има 3 гола и 3 асистенции во 13 меча за Марсеј, кои се втори на табелата во Франција зад ПСЖ.