Top Sport

Гереро вети дека ќе го гушне австралискиот капитен Јединак

Капитенот на Перу, Паоло Гереро вети дека ќе го гушне својот австралиски ривал, Миле Јединак пред мечот во вторникот меѓу двете репрезентации во знак на благодарност за помошта за тргнувањето на неговата суспензија.

Гереро доби 14-месечна казна поради позитивен тест на кокаин (за кој тврди дека го добил поради пиење чај), но доби дозвола да настапи на турнирот делумно поради писмата на капитените на ривалите од групата Ц, Австралија, Данска и Франција кое беше пратено до швајцарскиот врховен суд и до Судот за арбитража во спортот (ЦАС).

„Немав шанса да му се заблагодарам лично и се надевам дека ќе го направам тоа пред мечот бидејќи сакам да поразговарам со него. Многу сум му благодарен. Ние фудбалерите треба да се држиме еден со друг и затоа силно ќе го гушнам и лично ќе му благодарам“, вели Гереро.

Перу веќе се елиминирани од Мундијалот по поразите од Данска и Франција, додека Австралијците можат да се „провлечат“ во осминафиналето ако победат, а Данците загубат од Франција, иако и тука ќе решава гол-разликата. Сепак, Гереро вели дека нема да има „попуштање“.

„Разочарани сме што сме елиминирани бидејќи многу се трудевме, но ги гледам сите мои соиграчи и тие имаат ножеви во устата. Не сакаме да си одиме дома со празни раце. Сакам да им дадеме причина за радост на навивачите со победа“, вели Гереро.

Scroll to Top