Top Sport

Кочов го продолжи договорот со МЗТ

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром го реши тренерското прашање за следниот период, откако денеска беше ревидиран и потврден договорот со актуелниот стратег Ѓорѓи Кочов, кој се обврза да седи на клупата на вицешампионот најмалку во следните две сезони.

Кочов е поранешен селектор на јуниорската репрезентација на Македонија, тој на почетокот на април го наследи Жељко Лукајиќ и ја доврши сезоната како прв стратег, откако кон крајот на минатата година дојде во Аеродром како негов прв помошник.

Кочов според многумина е еден од најталентираните стручњаци кај нас во моментов, а во „Јане Сандански“ дојде од таборот на Вардар, каде што одработи една ипол сезона како предводник на овој тим, прво во Првата лига, а потоа и во второлигашка конкуренција.

Претходно, тој освои куп златни медали со јуниорскиот и младинскиот состав на Вардар, поради што во 2016 година беше прогласен за најдобар тренер во Македонија во младинска конкуренција.

Предводникот на МЗТ Скопје Аеродром зад себе има и солидна играчка кариера и тоа настапувајќи за матичниот Работнички како и за Вардар 2000, МЗТ Скопје Аеродром и за Вардар Апаве, каде што се пензионира на крајот од сезоната 2015/16.

извор: mztskopjeaerodrom.mk

Scroll to Top