Милан ќе го доведе Никлас Филкруг (32) од Вест Хем во јануарскиот преоден рок, пишува Фабрицио Романо. Трансферот е многу блиску до реализација, а германскиот централен напаѓач е приоритет на „росонерите“.
Поради Милан, Филкруг одби две понуди од Бундеслигата и сега останува клубовите да се договорат за трансферот.
На Милан итно му е потребен централен напаѓач откако Мексиканецот Сантијаго Хименез беше опериран, поради што ќе паузира неколку месеци. Филкруг не игра во лондонскиот клуб и оваа сезона има девет регистрирани настапи, од кои два од првата минута.
За Вест Хем, тој постигна три гола и асистираше двапати во 29 натпревари досега. Во својата кариера, тој играше и за Вердер, Хановер, Нирнберг, Борусија Дортмунд и Гројтер Фирт. Тој има 24 настапи и 14 гола за германската репрезентација.
Според „Трансфермаркт“, тој вреди осум милиони евра.
