Германскиот репрезентативец Александар Павловиќ ќе го пропушти Европското првенство, пренесува „Билд“. Тој има воспаление на крајниците. Селекторот Јулијан Нагелсман во репрезентацијата го повика Емре Џан.
Пред два дена Павловиќ не се појави во тренинг кампот на репрезентацијата, поради инфекција, соопшти тогаш Германскиот фудбалски сојуз, без да прецизира кога се очекува Павловиќ да се врати.
На крајот пристигнаа лоши вести и младиот фудбалер нема да може да настапи за репрезентацијата пред домашните навивачи.
Павловиќ имаше добра сезона во Баерн Минхен и покрај тоа што клубот ја заврши сезоната без трофеј и според тренерот Јулијан Нагелсман, тој заслужил повик во националниот тим.
За германската репрезентација дебитираше минатата недела на натпреварот против Украина (0:0).
Павловиќ имаше право да игра за српската репрезентација, но тој одбра да игра за Германија.
Европското првенство се одржува од 14 јуни до 14 јули во Германија.
Домашната селекција ќе го отвори турнирот во петок, против Шкотска во Минхен. Во групата А се и Унгарија и Швајцарија.