Top Sport

Германски новинари нападнати на мечот со Вест Хем

Германски новинари биле нападнати во текот на натпреварот од Лига Европа помеѓу Вест Хем и Ајнтрахт (1:2). Вест Хем објави дека ќе им биде забранет пристап на стадионот на навивачите кои учествувале во нападот кога ќе биде откриен нивниот идентитет.

Тим Брокмајер и Филип Хофмајстер, коментатори на радио АРД, објавија дека биле нападнати од домашни навивачи за време на преносот на натпреварот. Според нив, инцидентот се случил во 21. минута од натпреварот по голот на Мајкл Антонио. И двајцата новинари тврдат дека фановите им ги украле слушалките.

Вест Хем најави дека ќе ги прегледа сите снимки од безбедносните камери, а оние за кои ќе се докаже дека учествувале во инцидентот ќе бидат строго казнети, а меѓу другото ќе им биде изречена забрана за доаѓање на стадионот.

„Свесни сме за инцидентот што се случи и работиме на откривање на одговорните. Во согласност со нулта толеранција за секаков вид насилство, оние за кои ќе се докаже дека учествувале во инцидентот ќе бидат предадени на полицијата. Она што клубот може и ќе го направи е да им забрани да влезат на стадион и да патуваат со клубот. Нема место за такво однесување“, изјави портпаролот на Вест Хем.

За време на преносот Хофмајстер изјави дека очекува нешто да се случи или некој да го удри и дека тоа му ги растерало илузиите за англискиот фудбал. По натпреварот изјави дека тој и неговиот колега се добро, а им се заблагодари на навивачите на Вест Хем кои искрено го сакаат својот клуб и фудбалот.

Scroll to Top