Top Sport

Главната „мета“ на Јунајтед е Џејдон Санчо, но само под еден услов…

Манчестер јунајтед се заинтересирани да го донесат Џејдон Санчо од Борусија Дортмунд, откако англискиот тинејџер стана сензација во Бундеслигата зголемувајќи ја репутацијата на еден од најдобрите млади фудбалери на светот. Меѓутоа, прво мора да се исполни еден главен услов.

Санчо си замина од Манчестер сити во август 2017 година откако не добиваше шанси во првиот тим, по што 18-годишниот Англичанец блесна во Дортмунд, и сега Јунајтед мораат да обезбедат место во Лигата на шампионите ако сакаат да го вратат назад во Манчестер, јавува „Дејли мирор“.

Дортмунд се лидери во Бундеслигата и речиси сигурно ќе играат во Лигата на шампионите, бидејќи следната сезона првите четири од Германија одат во европската елита. Од друга страна, Јунајтед се на четвртото место во Премиер лигата, но само со поен предност пред Челси и Арсенал и ги очекува напорна пролет.

Борусија тврди дека Санчо, кој има договор до 2022 година не е на продажба под никоја цена, но понуда од стотина милиони фунти (што би бил нов англиски рекорд) би бил преголем залак да се одбие. Иронично, доколку се случи ова, ќе профитира и градскиот ривал на Јунајтед, кој има клаузула од 15 отсто од следниот трансфер на Санчо.

Англичанецот оваа сезона има 8 гола и 13 асистенции во 30 настапи за Борусија, а исто така влезе и во англиската репрезентација, откако Герет Саутгејт му даде шанса во три натпревари.

Фото: ЕПА

Scroll to Top