Top Sport

Голманот Дмитровиќ ги „спасуваше“ Србите во Волфсбург (видео)

Леон Горецка не дозволи Германците да доживеат незгоден пораз од Србија во пријателскиот меч во Волфсбург, откако во доминантното второ полувреме за „панцерите“ го постигна израмнувачкиот гол во 69. минута од мечот.

Германија имаше 2018 година за заборав по испаѓањето по групи на Мундијалот во Русија, а 2019 година ја почнаа со контроверзната одлука на селекторот Јоаким Лев да се откаже од триото репрезентативци од Баерн Минхен, Томас Милер, Џером Боатенг и Матс Хумелс, наидувајќи на критики од јавноста.

На „Фолскваген стадионот“, Србија стигна до водство уште во 12. минута преку човекот кој добро го познава германскиот фудбал, ѕвездата на Ајнтрахт Франкфурт Лука Јовиќ, за кого ова беше прв гол во дресот на „орловите“. Србите пропуштија добри шанси за гол преку Адем Љајиќ и Никола Миленковиќ, но Германците „притиснаа“ во вториот дел од полувремето и голманот Марко Дмитровиќ беше најзаслужен што Тимо Вернер не израмни.

Второто полувреме почна со голем притисок на домаќините, но Србите за среќа го имаа расположениот Дмитровиќ на голот, а кога тој не беше таму, тука беше Максимовиќ да ја извади топката од гол-линијата. Притисокот на Германците вроди со плод во 69. минута, кога Горецка со убав удар, конечно, го совлада српскиот голман. До крајот на мечот, Лирој Сане двапати беше во одлична позиција да донесе победа, но на крајот тестот заврши 1:1.

На „Олд Трафорд“ пак, Велс на Рајан Гигс во тест-натпревар со репрезентацијата на Тринидад и Тобаго дури во 92. минута го „скрши“ отпорот на карипските ривали, кога 19-годишниот Бенџамин Вудбрн го совлада противничкиот голман.

Фото: ЕПА

ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАРИ

Германија – Србија 1:1

Велс – Тринидад и Тобаго 1:0

Scroll to Top