Во моментите кога капитенот на Манчестер Сити, Кевин Де Брујне и голгетерот Серхио Агуеро се надвор од стројот поради повреди, а Илкај Гундоган против Ливерпул промаши удар од белата точка, се појавува нова опција кај „граѓаните“.
Се работи за голманот на екипата, Бразилецот Едерсон Мораеш кој е познат по „добрата нога“ што е голем адут во современиот фудбал.
„Едерсон прво мора да го спасува нашиот гол, па тогаш ќе видиме што ќе се случи. Сега кога Агуеро и Кевин ги нема, Едерсон е опција за пенали, секако. Изведувачот мора да има карактер“ изјави менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола.
Минатиот викенд Гундоган се посрамоти кога од белата точка топката ја испрати високо над голот на Бекер. Сепак тоа не им сметаше на „граѓаните“ со 4-1 да слават врз лутиот ривал.
Тоа беше дути трет промашен пенал за момците од Манчестер во само 3 години и тоа против истиот ривал.